Златко Мојсоски: Ја завршувам играчката кариера, но тука сум да помогнам во РК Струга

- Локални, Спорт
714

После над 25 години успшена ракометна кариера, стружанецот Златко Мојсоски одлучи да заврши со активно играње ракомет.

Во својата матична Струга тој ја започна и ја заврши кариерата. Мојсовски вели дека негова лична желба била кариерата да ја заврши таму каде што ја почна, во својот роден град каде првиот натпревар го одиграл на само 14 години.

-Размислував да одиграм уште една сезона за РК Струга, но, организмот сам му кажува на секој спортист кога е доста. Не сакав да форсирам ништо, едноставно сега е вистинското време затоа што годините си го направија своето-изјави Златко Мојсовски за Strugaonline.

Тој додаде дека е невозмежно да издвои клуб во кој ги поминал најубавите моменти во кариерата, затоа што, како што вели, секој клуб му донел искуство, успеси и пријателства кои што траат и ден денес. Сигурен е дека ќе остане во Струга да му помогне на клубот да го одржува својот континуитет.

-Навистина не можам да издвојам еден клуб, секој ми донесе посебно искуство во играчка и во финансиска смисла. Многу спортски радости на победи, но и тага кога имало порази. Она што е најважно во овој момент е тоа што стекнав пријатели за цел живот. Завршив со играчката кариера, но не завршив со РК Струга, ќе останам да му помогнам на мојот матичен клуб во секоја можна смисла-потенцира Мојсоски.

Златко Мојсоски четири сезони беше дел од Пелистер до 2005 година, а потоа играше и за Климент Охридски, пред да замине во ВВ Тиквеш. Четири сезони, до 2010 година, беше дел и од Вардар, а потоа настапуваше и за Металург до 2014 година.

По една сезона одигра во Прилеп и во Работнички, а потоа замина во Битола, каде се формираше Еурофарм Работник. Најголем дел од кариерата, пет сезони, до 2023 година, мина во Бутел Скопје.

Со Пелистер, Металург, Вардар и Бутел Скопје настапуваше во европските купови, а зад себе има и настапи во македонската репрезентација.

Играше на две ЕП, 2012 во Србија и 2014 во Данска, на квалификациите за ОИ 2012, како и на две СП, 2013 во Шпанија и 2015 во Катар.

Strugaonline

фото: архива

Facebook Коментари