На денешен ден во 1905 година, во кичевското село Цер, загинал охридскиот револуционер Христо Узунов.
На 24-ти април 1905 година Христо со својата чета од Крушево заминал за Кичевско, но во кичевското село Цер четата била опколена од многуброен турски аскер со артилерија. Бидејќи немале никаква помош, борците биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе.
Христо Узунов е роден на 22 февруари 1878 година во Охрид. По завршувањето на основното училиште во Охрид учел во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1894-1896). Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев. Неговиот брат Ангел во своите „Спомени“ вели: „Христо се вратил од Солун посветен и покрстен од Дамјан Груев. Тој бил примен за член на Внатрешната македонска револуционерна организација, која веќе била создадена неколку години порано. Во едно кратко писменце до нашиот братучед Кирил Прличев, Дамјан Груев го известува дека Христо е веќе искапен во револуционерниот котел“. По завршувањето на школувањето бил назначен за учител во Охрид.
Во чест на Јубилејот: 120 години од хероската погибија на Христо Узунов, Општина Охрид, вчера организираше Свечена академија во спомен куќата на големиот охридски војвода и револуционер.
Во рамки на Свечената академија се одржа промоција на драмскиот текст: „Света саможртва за Македонија“ од авторот Зоран Пејкоски. Промотори на книгата беа проф.д-р Димитар Пандев и проф.д-р Наташа Котлар.
Свечениот настан беше збогатен со културно – уметнички настапи на Охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос“, под диригентската палка на маестро Бурим Хидри, солистот Ѓоко Чеменкоски како и учениците од ООУ „Ванчо Николески“ под менторство на професорката Емилија Блажеска.
Чествувањата за Узунов продолжуваат и денеска со полагање на свежо цвеќе пред неговото спомен-обележје во градскиот парк и Панихида и полагање цвеќе на местото на неговата херојска погибија во селото Цер.
StrugaOnline
Facebook Коментари