Лев банер Десен банер

20 години музичка традиција во Струга: Подрачното училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ ја започнува јубилејната година

Подрачното училиште на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга официјално ја започнува јубилејната година по повод 20 години од своето основање, под мотото „20 години – Заедничко патување кон нови хоризонти“. Јубилејот претставува значаен културно-образовен момент за градот и регионот, симболизирајќи две децении посветена работа, уметнички раст и музичка едукација на генерации млади таленти.

Основата на училиштето произлегува од визијата и ентузијазмот на група професионални музички дејци од Струга, меѓу кои клучна улога имал професорот на Државниот универзитет во Тетово, Сељами Колоња. Реализацијата на оваа идеја била овозможена преку институционална соработка со тогашниот министер за образование и наука Азис Положани, тогашниот градоначалник на Општина Струга Рамиз Мерко и Советот на општината, како и со тогашниот директор на училиштето Ивица Зориќ, кои ги поставиле темелите на една долгорочна и препознатлива образовна мисија.

Во текот на изминатите 20 години, училиштето континуирано се развивало благодарение на ангажманот на наставниот кадар и раководните структури. Значаен придонес во водењето и развојот на подрачното училиште дале раководителите Сељами Колоња, Алтин Зиба и Димитри Кумбароски, како и директорите на централното училиште во Тетово – Симона Зафироска, Ираклис Георгиадис, Љупчо Перински и Новица Соколовски. Нивната заедничка работа овозможи училиштето да прерасне во значаен регионален културно-образовен центар.

Најголемата вредност и гордост на училиштето се неговите ученици, кои низ годините ја потврдија успешноста на образовниот процес. Голем број поранешни ученици го продолжиле своето образование на музичките факултети во земјава и на престижни меѓународни институции, како што се Државниот универзитет во Виена, Berklee College of Music, Универзитетот за музика во Хановер, како и музичките академии во Тирана, Белград, Софија и Љубљана.

Со официјалното отворање на јубилејната година, училиштето најавува серија настани и активности кои ќе го одбележат овој значаен јубилеј, со цел да се оддаде признание на минатото, да се вреднува сегашноста и да се отвори ново поглавје во идниот развој на музичката уметност во Струга и пошироко.

StrugaOnline

error: