Лев банер Десен банер

АД ЕСМ – ХЕС „Црн Дрим“ Струга домаќин на меѓународна работилница за климатски отпорна инфраструктура

АД ЕСМ, Подружница ХЕС „Црн Дрим“ Струга, беше домаќин на работилница во рамки на меѓународниот проект NATURE-DEMO (Nature-Based Solutions for Demonstrating Climate-Resilient Critical Infrastructure), значаен проект финансиран од Европската комисија. Активностите се реализираат во тесна соработка со Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС.

Главната цел на проектот е создавање отпорна и функционална критична инфраструктура преку примена на решенија базирани на природата. Во услови на сè поизразени климатски промени, фокусот не е само на традиционалните инженерски методи, туку и на воведување иновативни, одржливи механизми кои долгорочно ја зголемуваат стабилноста и безбедноста на системите од стратешко значење.

Како инфраструктура клучна за енергетската стабилност на државата, ХЕЦ „Глобочица“ е избрана како прва локација во земјава каде ќе се применат напредни мерки во рамки на проектот. Предвидени се активности за стабилизација на свлечишта над браната преку контролирано засадување автохтони растенија, како и системско следење и превенција на потенцијални идни ризици.

Работилницата овозможи координација и размена на искуства меѓу експертите од ИЗИИС, тимот на ХЕС „Црн Дрим“, како и претставници од Општина Струга и Општина Охрид, јавните претпријатија, невладиниот сектор и техничките експерти.

Од АД ЕСМ истакнуваат дека проектот претставува значаен исчекор во пристапот кон управувањето со критичната инфраструктура.

„Со учеството во проектот NATURE-DEMO, АД ЕСМ активно придонесува кон воведување современи европски практики во заштитата и управувањето со енергетските капацитети. Примената на решенија базирани на природата не само што ја зголемува отпорноста на инфраструктурата, туку обезбедува и одржлив пристап што ги зема предвид долгорочните климатски предизвици. Грижата за стабилноста и сигурноста на електроенергетскиот систем е наш врвен приоритет“, велат од компанијата.

Со ова партнерство, АД ЕСМ преку ХЕС „Црн Дрим“ ја зајакнува својата улога во развојот на одржливи решенија и потврдува дека отпорноста на системот е заедничка одговорност, во интерес на граѓаните и енергетската стабилност на државата.

StrugaOnline

error: