Американската компанија „Reci & Sons Enterprise“ отвора фабрика во зоната „Охрид/Струга“

- Локални
2948

Во технолошко-индустриската развојна зона „Охрид/Струга“ денеска беше означен стартот на градбата на новата инвестиција на американската компанија „Reci & Sons Enterprise“.

Според инвеститорот Арбнор Речи, инвестицијата е добар пример за сите кои сакаат да работат.

– Задоволство е наше што сум тука во земјата од која потекнува мојот татко, во земајта која ја носам во срцето. За мене и моето семејство, срцето секогаш било и секогаш ќе биде во Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите за можноста да инвестираме со што го направија овој ден посебен за мене и моето семејство. Ова е одлична мерка за да се спречат младите луѓе да ја напуштаат земјата, истакна инвеститорот Речи.

Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев во своето излагање напомена дека за него е чест што може на инвеститорите да им го честита почетокот на изградбата и им посака што побрзо да започнат со работа.

– Моето задоволството е уште поголемо затоа што ова е една од фабриките во низа кои започнуваат со работа изминатиов период. Скоро секоја недела започнуваме со нова фабрика. Тоа е доказ дека нашите залагања преку институциите вродуваат со плод. Тоа е најдобриот одговор на сите критики кои ги слушавме периодов наназад. Најважно е што овие мерки вродуваат со плод. Заводот за статистика објави дека бруто домашниот производ во вториот квартал е во пораст од 3,1 % во споредба со истиот период минатата година. Економската политика дава резултати и државата од минусни бројки полека ја носиме во позитива и економијата полека се доведува во ред. Ние ќе бидеме посветени да правиме проекти кои ќе даваат позитивен бенифит за граѓаните. Посебно е значаен индустрискиот раст од 8,4% во однос на минатата година. Треба да се доведе во ред и градежништовото. На денешната седница на Владата на Република Македонија денес се донесе одлука за интензивирање на работите на автопатот Кичево-Охрид и железницата со што сериозно ќе се придвижи и градежништвото во државата. Јас сум посебно среќен што ова е прва инвестиција во Република Македонија по новите мерки за подддршка на инвестициите кои ги користи повратник од дијаспората, бидејќи со тој закон, поддршката за иселениците е двојна. Тој пример нека го следат и другите иселеници, рече Вицепремиерот Анѓушев.

Пред присутните се обрати и министерот за економија во Владата на Република Македонија Крешник Бектеши, кој кажа дека компанијата „Reci & Sons Enterprise“ и првите луѓе на истата ја донесле вистинската одлука кога одлучиле да инвестираат во родниот крај.

– Вашата одлука за мене како министер за економија и како Влада на Република Македонија е доказ дека донесовме вистински реформи во делот на економијата. Донесовме вистински закони и сме на вистински пат да постигнеме економски раст. Сите податоци покажуваат дека нашите политики водат кон стабилен економски развој и раст на бруто домашниот производ. Само во првите 6 месеци од 2018 година, странските директни инвестиции во државата достигнаа 327 милиони евра. Извозот се зголемува од ден на ден и само од компаниите кои оперираат во слободните економски зони во првите 7 месеци вредноста на извозот на стоки изнесува милијаерда и 360 милиони евра. Во споредба со истиот период лани имаме пораст од 18%, истакна министерот Бектеши.

Собрани сме тука да го означиме почетокот на градбата и новата инвестиција на американската компанија „Reci & Sons Enterprise“, која во август во Владата на Република Македонија го потпиша договорот за закуп на градно земјиште, истакна првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски.

– Ова е доказ дека македонските иселеници се враќаат во земјата да инвестираат. Тоа се должи на подобрувањето на економските услови, политичката стабилност, стекнувањето на довербата во институциите и стратегијата за продуктивно вложување на капиталот. Иселениците се продолжена рака на родната земја и за нив има голем број мерки и двојна поддршка од Валдата на Република Македонија, доколку се одлучат да инвестираат во земјата, додаде Младеновски.

– Татковината не се сака само со зборови, туку со вакви дела што отвораат перспективи за другите. Се обидуваме да создаваме стабилни политики кои произведуваат сигурност. Каде има сигурност и безбедност има и инвестиции. Секој домашен или странски инвеститор прво сака сигурност за капиталот кој го инвестира. Во нашата земја се обидуваме да поставиме ред против криминалот и корупцијата. Во земја каде владее „џунгла“ нема ни инвестиции ни перспектива. Приоритет над приритетите е владеењето на правото, напомена лидерот на ДУИ Али Ахмети.

На стартот на градбата на новата инвестиција на американската компанија „Reci & Sons Enterprise“ присуствувaa градоначалниците на Струга и Охрид, Г-дин Рамис Мерко и Г-дин Јован Стојаноски.

„Reci & Sons Enterprise“ е компанија која е дел од козметичката индустрија, конкретно во делот на средства за чистење и лична хигиена. Објектот во технолошко-индустриската развојна зона „Охрид/Струга“ ќе се простира на површина од 2.500 м2 под хала и уште 750 м2 за делот на администрацијата. Комплетната инвестиција е со висина од 3.000.000 евра, а ќе се вработат околу 250 лица. Компанијата е формирана во 2012 година во Њу Џерси, САД.

 

Facebook Коментари