Арменд Пушкуле на „Tourism Fair Albania 2026“: Струга има силен потенцијал за заеднички туристички иницијативи во регионот
Во рамки на програмата на меѓународниот саем „Tourism Fair Albania 2026“, кој се одржа во Тирана, раководителот на Одделението за туризам при Општина Струга, Арменд Пушкуле, учествуваше како говорник на панел-дискусијата на тема „Меѓурегионална соработка и развој на туризмот“.
Во своето обраќање, Пушкуле ги истакна туристичките потенцијали на Струга, нагласувајќи ја природната убавина, културното наследство и богатата туристичка понуда како значајни ресурси за развој на дестинацијата. Тој подвлече дека засилената соработка меѓу туристичките дестинации во регионот е клучна за креирање заеднички иницијативи, размена на искуства и поефикасна промоција на заедничките туристички производи на меѓународниот пазар.
Покрај претставникот на Општина Струга, на панелот говореа и Рахман Каса, претседател на Албанската унија за туризам, како и Баки Хоти, претседател на Унијата за туризам на Косово, кои ја потенцираа важноста од регионално поврзување и заеднички настап на туристичките пазари.
Со учеството на овој значаен регионален настан, Општина Струга ја потврдува својата определба за активно вклучување во регионални иницијативи и партнерства, со цел унапредување на туристичката понуда и зголемување на видливоста на Струга како атрактивна и конкурентна туристичка дестинација.

