Лев банер Десен банер

Aвторот Зоран Јакимоски е добитник на наградата „Јован Котески“ за 2017 година

Наградата „Јован Котески“ за необјавена поетска книга, годинава ја доби поетскиот ракопис „Бришан простор“ на Зоран Јакимоски, што по седми пат наградата ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

По објавениот Конкурс што го распиша Културниот центар „Бран“ од Струга и Ревијата за книжевност „Бранувања“, жирито за доделување на наградата „Јован Котески“за 2017 година – Зоран Пејковски-претседател, Христо Петрески и Марина Мијаковска-членови, откако ги разгледа поетските ракописи, едногласно одлучи и наградата ја додели на стихозбирката „Бришан простор“ од Зоран Јакимоски.

Се работи за строго заокружена лирска целина, плод на внатрешен, емотивен но и општочовечки конфликт. Стиховите се во знакот на силните бои, мириси и вкусови, кои ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината во духот на современите поетски трендови. Преплетот на личното и колективното, состојбите и настаните, е на потврдено уметничко рамниште и претставува збогатување на современата македонска поезија.

Зоран Јакимоски (1968) Велестово- Охрид. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на седум книги поезија и тоа: Граматика на поривот(КММ, 1994), Совршен молк (Студентски збор, 2001), Зборот неизречен (Манифестација Поетска ноќ во Велестово, 2004), Морето се мурти (библиотека Григор Прличев-Охрид, 2010), Влажна месечина (Макавеј, 2010), Ништо не е недостижно(ПНВ Публикации, 2014) и Задачите се зададени (ПНВ Публикации, 2017). Негови песни се препеани на англиски, полски, украински, бугарски, хрватски, романски, итн. а самиот препејува од бугарски и хрватски на македонски јазик. Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство. Носител е на повеќе награди (наградата на Млада Струга за 1995 г. и др.), а освен поезија во периодиката објавува и критика. Член е на ДПМ од 2012 година.

Досегашни добитници на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчески, Витомир Долински, Христо Петрески, Марина Мијаковска и Зоран Пејковски.

Наградата на Зоран Јакимоски ќе му биде врачена на 7 јули во Центарот за култура „браќата Миладиновци“ во Струга за време одржувањето на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“-2017.

Извор : Strugaonline

 

error: