Даниела Андоновска Трајковска и Игор Крајчев добитници на наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“

- Локални
1807

Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга, годинава ги додели наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“

Добитници на наградите „Кресте Чачански“ и „Јован Котески“ се македонските писатели Даниела Андоновска Трајковска за збирката раскази „ КАФЕ, ЧАЈ И ЦРВЕНО НЕБО и Игор Крајчев  за поетската збирка „21“.

„Уште со самиот наслов „Кафе, чај и црвено небо“, збирката раскази на Даниела Андоновска-Трајковска, навестува, сензитивно доживување кое си поигрува со концептот на вкусовите, мирисите за нив синетички да ги врзе со доживувањата на видот, окото. Со овие раскази, пред нас се отвора црвено небо, кое е суптилно врзано со секој од нив.

Збирката поделена е во три дела: „Дом“, „Отворени и затворени линии„ и „На Широк Сокак ништо ново“ ги прикажува рамките во кои се открива оваа збирка. Со доза на суптилен однос кон реалноста, кој на моменти е и болно искрен, преовладува чувството на пренесена топлина со секој збор, поставен во одлична композиција. Очигледно е дека личните впечатоци се измешани со колективните, за да пренесат една слика на едно време и место врамена со кафе, чај и црвено небо. Токму затоа овогодинешната комисија за доделување на наградата „Крсте Чачански“, за најдобра збирка раскази одлучи, овогодишен носител да биде Даниела Андоновска-Трајковска. Имајќи предвид дека здружението „Бран“ наградата ја доделува веќе десет години, чест е што оваа година, неа ја понесе писателка, која слично на Чачански, има особен личен однос кон расказот- стои во образложението на одлуката на жирито во состав Мерсиха Исмајлоска, Мишо Китаноски и Петко Шипинкаровски.

Даниела Андоновска Трајковска родена е  на 3 февруари 1979 година во Битола. Во 2006 година  магистрира, а во 2010 година докторира на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде работи како универзитетски професор на Педагошкиот факултет . Ги има објавено стихозбирките: Збор за зборот“, (2014), „Поема за маргините“ (2015), „Црна точка“(2017 и „Стапаки“ , 2017.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг. Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола и претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на списанието „Раст“ и уредник е и на списанието „Современи дијалози“.

Освен стручни и научни трудови објавени во земјата и во странство, пишува поезија, кратки раскази и литературни осврти.

Досегашни добитнци на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски, Васил Тоциновски, Стефан Mарковски и Владимир Плавевски.

„Наградата „Јован Котески“ годинава се доделува на книгата „21“ на Игор Крајчев од Велес.

Книгата „21“ на Игор Крајчев е сликовит приказ на себството позиционирано во живото-просторот со модулација која тежнее да го досегне концептот на среќата. Тоа е мисловна визуелизација на комплексните игри сред шаховското поле на животот и смртта, чија зборовна репрезентација конструира самосвој дијаграм на опстој. Циклусите „Игри“, „7“ и „Јас“ се неговите констелациски точки кои симболично ја претставуваат акумулираната свесност за сопствената присутност која во зенитот на согледот за својата минливост на себесвојствен начин ја демистифицира потрагата по вечноста вткајувајќи ја во песните на поетот стои во образложението на жирито Христо Петрески, Весна Мундишевска Велјановска и Витомир Долински.

Игор Крајчев е македонски писател, поет, литературен критичар и научен работник.  Автор е на книгите „Реалности“ (поезија, 2005), „Воини“(роман 2017) Монографија по повод 150 годишнина од постоењето на Велешката гимназија (2008, коавтор), „Три секунди(роман, 2009), „Круг полу круг“(поезија, 2015)…

Крајчев е застапен во најновата антологија на младата македонска поезија и проза „Ветрот носи убаво време“, a со своја поезија е застапен и во најновата антологија на современата македонска поезија преведена на украински јазик, подготвена од еминентната украинска поетеса Ана Багријана, која беше издадена во август 2012 година.

Добитник е на високото признание „Деветоноемвриско признание“ на градот Велес, 2014, „Прозни Мајстори“ на ИК „Феникс“ и „Македонија презент, 2013,  специјалната награда „Караманов 2014“ на Карамановите средби, за својата книга „Круг полу круг“ и други награди и признанија од Македонија и од Странство.

Крајчев, член е на Друштвото на писатели на Македонија, а од март 2018 година е член на неговото Претседателство.

Работи како Директор на Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, која во два наврати под негово раководство ја добива наградата „Библиотека на година“.

Досегашни добитници на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчевски, Витомир Долински, Христо Петрески,Славчо Ковилоски, Зоран Пејковски , Зоран Јакимоски и Елена Пренџова.

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари