Дарко Паскоски го извади Крстот од водите на реката Црн Дрим во Струга

Бројни верници денеска присуствуваа на чинот на спуштање на Светиот крст во водите на реката „Црн Дрим“ во Струга. Честа и среќата да го фати Крстот годинава ја имаше четриесет и три годишниот Дарко Паскоски.

Тој по четврти пат успеа да го извади светиот Крст од осветените води на реката Црн Дрим и посака здравје и духовна благосостојба во секој дом.
– Секоја година за Богојавление скокам по крстот во светите води на реката Црн Дрим. Четврти пат го фаќам крстот. Сакам традицијата да продолжи и крстот да влезе во секој дом, да донесе среќа, да ги освети сите домови и да се сплотиме сите за здравје и спасение. – изјави Паскоски.

Тој додаде дека сите години кога го фаќал крстот му биле бериќети и носеле нешто убаво за него и неговото семејство. Среќа и бериќет очекува и оваа година.
Кум на овогодинешниот празник „Богојавлeние Водици“ беше Бошко Пуроски кој што го даруваше среќникот кој што го фати крстот. Паскоски беше даруван и од страна на црквата и спонзорите на манифестацијата.
Извор и фото: Strugaonline

