Денес во Подгорци свечено се одбележа 100-годишнината од изградбата и осветувањето на црквата „Свети Јован Владимир“, еден од најзначајните храмови во струшкиот крај

- Локални
640

Денес, во село Подгорци свечено се одбележа 100-годишнината од изградбата и осветувањето на црквата „Свети Јован Владимир“, еден од најзначајните храмови во струшкиот крај, кој цел еден век претставува духовен дом, културно средиште и симбол на истрајноста на православната вера во овој крај.

По повод празникот на Свети Јован Владимир, во храмот беше отслужена Света Божествена Литургија и водосвет, на која присуствуваа голем број верници од Подгорци, Струга и поширокиот регион. Настанот беше исполнет со молитва, духовна благодарност и прослава на вековното наследство.

Со Литургијата чиноначелствуваше парохискиот свештеник Отец Димитрија Павлески заедно со свештениците Отец Ристе Наумоски и Прота Митре Попоски.

Во рамки на литургијата, беше прочитано и житието на Свети Јован Владимир – светец, маченик и владетел кој оставил длабока трага во православната историја на Балканот. Свети Јован Владимир бил владетел на Дукља (денешна Црна Гора) на крајот на 10 и почетокот на 11 век. Познат по својата праведност, благочестивост и мирољубива политика, тој бил заробен од цар Самоил, но поради неговата кротост и чесност, не само што бил ослободен, туку и оженет со ќерката на царот, принцезата Косара.

Неговата трагична маченичка смрт, кога бил предавнички убиен пред вратите на црква, го вброи меѓу великомачениците. Православната Црква го слави како симбол на вера, смирение и христијанска љубов.

Црквата „Свети Јован Владимир“ во Подгорци, чија стогодишнина се одбележува денес, била изградена во 1925 година, со вложување, пожртвуваност и љубов од страна на мештаните.

Црквата Свети Јован Владимир е единствена во Македонија посветени на овој светител, и низ генерации претставува жив сведок на верата, истрајноста и духовната зрелост на народот од Подгорци.

Овој јубилеј е од огромно значење не само за селото, туку и за пошироката православна заедница. Тој нè потсетува на обврската да го чуваме и унапредуваме она што ни е оставено во аманет – храмот, верата, заедништвото и светителската традиција.

-Од Црковниот одбор упатуваат длабока благодарност до сите присутни, до свештенството, до сите верници и поддржувачи кои помогнаа во организирањето на овој светол настан. Со Божја помош, нека продолжиме да го чуваме духот на Свети Јован Владимир и да ги пренесеме неговите вредности на идните поколенија.

StrugaOnline

Facebook Коментари