Денес во Струга стартува „Подводниот филмски фестивал 2023“ организиран од нуркачкиот клуб „Скаут“
Нуркачкиот клуб „Скаут“ ве повикува да се придружите на незаборавна авантура на Scout International подводниот филмски фестивал 2023 што започнува денес, а ќе трае до 10-ти септември.

Скаут Меѓународен Фестивал на подводен филм ќе се одржи по втор пат во Струга во периодот од 08-10.09.2023, а е организиран од страна на неколку подводни ентузијасти, вљубеници во нуркањето и подводниот свет.
„Меѓународен карактер има бидејќи и првата и оваа година имаме учество на филмови од цел свет, како и филмови изработени од нуркачи од Македонија.
Фестивалот има ревијален карактер и прикажува филмови изработени од аматери и професионални сниматели на подводниот свет. Нашата намера е во иднина овој фестивал да добие натпреварувачки карактер, како и поголемиот дел од светските фестивали од ваков тип.
Со Скаут меѓународниот фестивал на подводен филм ја славиме уметноста на подводното снимање и прикажувањето на сета убавина која ја кријат водите. Како нуркачи ја имаме честа да го „живееме“ овој свет, да ја доживуваме сета негова убавина, а преку филмовите кои ги изработуваме, сакаме овој свет да го доближиме до пошироката публика.
Преку организацијата на овој фестивал, една од намерите ни е подводните убавини кои ги имаме во Македонија да ги претставиме на меѓународната заедница и во иднина да имаме што повеќе гости кои ќе сакаат да ја истражуваат уникатноста на нашите езера, реки и подводни пештери“.
Фестивалот ќе биде отворен со филмот на Канадската продуцентка и инструкторка во нуркање Julie Ouimet. Насловот на филмот е We (Ние), а е краток приказ на нас нуркачите, работите кои ние ги сакаме, истражуваме и во кои уживаме- природата, подводниот свет, истражувањата и често, екстремните работи.
Тоа не прави поинакви (smiley)
Како што таа вели во филмот,
We are divers
We are travelers
We enter alien worlds
We are explorers
We touch history
We go to extremes “- велат организаторите на фестивалот.

Отворањето на фестивалот ќе се случува на 08.09.2023 година, а истиот ден во утринските часови ќе се спроведе акција на подводно чистење на Охридското езеро во потегот на струшките села.
Филмски проекции ќе има на 08 и 09ти септември.
Тематски филмовите ќе опфатат: флора и фауна (подводен свет), спелео нуркање (подводни пештери), планинско нуркање (планински езера), подводни археолошки наоѓалишта, истражувачки нуркања (потонати бродови, авиони и сл.) филмови кои се однесуваат на зачувување на подводниот свет и подигнување на еколошката свест кај луѓето за зачувување на водите.
Фестивалот е од отворен тип и поканета е целата публика заедно да уживаме и да ја славиме убавината на подводниот свет!
StrugaOnline

