Лев банер Десен банер

Денеска меѓувладина седница и тет-а-тет средба на Мицкоски и Орбан во Охрид

Заедничка меѓувладина седница на Северна Македонија и Унгарија ќе се одржи денеска во Охрид откако претходно премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ќе одржат тет-а-тет средба.

Седницата ќе се одржи во хотелот „Инекс Олгица“, а веднаш потоа на истата локација се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција.

Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Во Охрид се преземаат неопходните безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ е забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

Дислоцирани се и возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.

StrugaOnline

error: