Денеска мултимедијалниот проект „Светлосни приказни“ во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга
„Светлосни приказни“ е мултимедијален проект што ја истражува врската меѓу уметноста, технологијата и светлината преку современи дигитални и AI алатки.
Преку процес на креативна соработка, проектот развива визуелен јазик што ја поврзува традиционалната уметничка постапка со новите медиуми и светлосните интервенции.
Просторот на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга се претвора во живо платно, каде архитектурата, светлината и движењето комуницираат како едно дело.
Со помош на видео-мапирање и дигитални анимации, ѕидовите на просторот се трансформираат во активен учесник на уметничкиот чин – место каде што светлината не само што осветлува, туку и создава.
Проектот започнува како еднодневна уметничка работилница со ученици од СОУ „Св. Климент Охридски” – Охрид, под менторство на авторите Софија Грабулоска, Дарко Талески и Христијан Томан.
Преку процес на цртање, снимање, дигитализација и светлосна проекција, младите учесници имаа можност да го искусат патот на едно дело – од линија на хартија до светлосна форма во просторот.
Покрај делата на учениците, уметниците Грабулоска, Талески и Томан создаваат сопствени светлосни и дигитални композиции, кои заедно со ученичките работи се спојуваат во едно единствено дело.
Оваа колективна композиција не постои како низа одделни дела, туку како единствен уметнички организам што живее, дише и комуницира во просторот.
Секоја проекција, секој фрагмент од светлина е дел од поголема целина – визуелна симфонија во која линијата, бојата, архитектурата и технологијата пулсираат во заеднички ритам.
Во оваа изложба, цртежот станува светлина, а светлината – приказна.
„Светлосни приказни” ја отвора можноста да се почувствува нова форма на културна комуникација, каде човечката имагинација и технолошката иновација не се во спротивност, туку дишат заедно – создавајќи мост меѓу генерации, медиуми и сетила.
Настанот ќе се одржи утре 18 октомври (сабота) со почеток во 20 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.
-Софија Грабулоска · Дарко Талески · Христијан Томан (ИНКА)
-Соработници – ученици од СОУ „Св. Климент Охридски” – Охрид
StrugaOnline

