Денеска тестирање на камери за сообраќаен надзор на автопатот Охрид–Кичево
Секторот за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на уредите за сообраќаен надзор, во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, поточно на деловите помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу селата Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Предвидено е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и да постапуваат согласно насоките на полициските службеници, со цел безбедно и непречено реализирање на активностите.
Извор: СВР Охрид, фото архива
StrugaOnline

