Денеска во Струга ќе се одржи Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона на светецот

- Локални
1130

Со строги протоколи за заштита од вирусот ковид 19, денеска во Струга ќе се одржи традиционалната струшка Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона на светецот.

Организаторите апелираат до верниците, доколку сакаат се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите или тротоарите со почитување на здравствените протоколи.

– Поради актуелната состојба со пандемијата од COVID-19, годинашната Литија ќе се одржи под строги здравствени протоколи. Низ улиците ќе поминат моштите од Свети Георгиј Победоносец и чудотворната икона со братството и сестринството од Бигорскиот и манастирот во Рајчица, без оркестарот и традиционалните торжества. Апелираме до верниците да не се движат во толпата. Доколку сакаат да се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите и тротоарите со почитување на мерките за заштита, држење растојание и носење заштитна маска, истакна организаторот во изјава за МИА.

Од ОВР Струга информираат дека ги презеле сите неопходни мерки за безбедно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од вирусот COVID-19.

– Во периодот од 4-ти до 6-ти мај 2021 година, претставници на СВР Охрид и ОВР Струга, одржаа работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои, им беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од Корона вирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски. Црковните претставници кои биле во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на Литијата кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека Литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан.
ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со истиот, на 7-ми мај 2021 година, ќе изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св. Ѓорѓи“ како и целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да дозволи групно движење позади поворката. ОВР Струга апелира до верниците, настанот да го следат од страна без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел, заштита на јавното здравје на населението од COVID-19, информираат од СВР Охрид.

Литијата ќе почне да се движи низ Струшките улици околу 17 :00 часот.

Facebook Коментари