Денеска во Струга настан посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка – „Розов октомври“
Во рамки на активностите по повод „Розов октомври“, Општина Струга организира настан посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, со фокус на личните приказни на жените, значењето на поддршката и важноста на раното откривање на болеста.
Настанот, насловен „Розов октомври – Лични приказни за храброста, надежта и поддршката“, ќе се одржи денеска, 22 октомври 2026 година, со почеток во 16:00 часот, во Europe House – Струга.
Преку споделување лични искуства и тематската изложба „Жени и борба со ракот“, ќе се даде простор за приказните на жените кои се соочиле со оваа болест, но и ќе се истакне важноста на солидарноста, меѓусебната поддршка и отворениот разговор за здравјето.
Организаторите посочуваат дека зад секоја борба со ракот на дојка стои лична приказна исполнета со предизвици, храброст, надеж и истрајност. Токму затоа, ваквите настани имаат за цел да ја поттикнат јавната свест, да ја намалат стигмата и да ги охрабрат жените навремено да се грижат за своето здравје.
Пораката на настанот е јасна: „Слушни. Провери. Поддржи.“ Преку заедничка ангажираност и информираност, се испраќа порака дека раното откривање е важно, а ниту една жена не треба сама да се соочува со предизвиците што ги носи болеста.
Од Општина Струга упатуваат покана до граѓаните да бидат дел од оваа средба, на која секоја приказна заслужува да биде слушната, а поддршката и солидарноста да бидат поттик за надеж.
StrugaOnline

