„Дримон“ објави повик за креативно решение – постер, за слоганот „Култура Сега!“

- Локални
853
Во рамки на ДримОН 6, вчера стартуваше  кампањата за заедничка платформа за култура под слоганот „Култура Сега!“.
„Ве покануваме да изработите креативно решение (постер, цртеж, колаж) што би го одразувал овој слоган. Решенијата ќе се објавуваат до почетокот на фестивалот (25 Јули) на социјалните мрежи. Најдобрите 10 автори ќе добијат блок влезница за сите музички настани и театарски претстави на фестивалот, како и ваучери за пијалоци. Авторите на три решенија, кои ќе предизвикаат најмногу реакции на социјалните мрежи, ќе добијат и престој во Струга, за времетрање на целиот фестивал. Најдобрите решенија ќе бидат испечатени и изложени на ДримОн фестивал на крајот на јули месец.„ – информираат организаторите.
Заедничката платформа за култура е интеркултурна пилот кампања креирана од поединци од различните етнички заедници со цел да влијае на подигнувањето на свесноста за рамномерното право на култура и пристап до квалитетни содржини за сите, имајќи ги предвид столбовите на националната стратегија за култура – деметрополизација, интеркултура, наслество.
 „На  јавноста и е помалку познат податокот дека и струшкиот регион е дел од регионот кој е заштитен од УНЕСКО како природно и културно наследство, па со оваа кампања сакаме меѓу другото да го свртиме вниманието кон проблемите кои произлегуваат од негрижата за културата на локално ниво, која и директно и индиректно влијае на алармантно загрозената состојба со наследството, но и со актуелниот културен проток. Со кампањата, имаме за цел да влијаеме на преземање активности за санирање на состојбите предизвикани од немањето интерес да се инвестира во културата, да се негува и афирмира наследството во Струшкиот регион. Со проектот заедничка платформа за култура сакаме да ги доближиме интересите на целата заедница, а како актери во културата, институции, групи, поединци имаме заедничка улога да инсистираме на квалитет на понудата за граѓаните, грижа за наследството и подигнување на граѓанскиот дух преку култура. Кампањата покрај предизвикот ќе се артикулира и преку работилници, дискурзивни настани, концерти, филмска селекција и други активности во текот на 4 месеци.“ – додаваат од Дирекцијата на „Дримон“.
Целна група е пошироката заедница на национално ниво од социјалните мрежи – која треба да биде информирана за статусот на културата во помалите заедници и вреднување на локалното УНЕСКО добро, како добро од државен и глобален интерес. Потесна цел е уметничката заедница и поттикнување на личниот ангажман како придонес кон заедничката одговорност.
Кампањата „Култура Сега“ е дел од проектот Заедничката платформа за култура – Култура од сите за сите, поддржан од Фондација Отворено Општество – Македонија и не го одразува ставовите на Фондацијата.
Вашите решенија за плакат/постер инспирирани од слоганот „Култура сега“ ги очекуваме на [email protected] со назнака Постер предизвик – „Култура сега“.
Strugaonline

Facebook Коментари