Две повратни вендинг машини поставени во Струга

- Локални
240

Во соработка со Пакомак и Пивара Скопје, во општина Струга се поставени  две повратни вендинг машини во рамки на платформата за општествена одговорност  “Наша гордост. Наша одговорност.“.  Повратните вендинг машини се наоѓаат во Kам Маркет во Генц Дуа Мол и во Маркет Миса  на ул.„Димитар Влахов“.

-Целта на поставување на вендинг машините е да се подигне општествената свест на граѓаните за селектирање на отпад, односно да ги натераме граѓаните активно да се вклучат во процесот на селекција на отпад од пакување, конкретно на пластични шишиња и лименки. Со поставување на овие машини придонесуваме за намалување на отпадот по улиците и плажите, а со тоа овозможуваме почиста околина.-изјави за Strugaonlinе, Наташа Калајџиеска, помлад соработник за управување со отпад во Општина Струга.

За таа цел, додаде, со селектирање пластична амбалажа или лименки во машините, граѓаните ќе имаат можност да собираат зелени поени со помош на бесплатната мобилна апликација на „Пакомак“ наречена „Ecomak“.

-За собирање зелени поени граѓаните пред користењето на машината ќе треба да го скенираат баркодот што се појавува на нивната мобилна апликација и по фрлањето на отпадот, ќе им бидат доделени зелени поени во зависност од количината фрлен отпад во машината. Секој корисник на мобилната апликација има свој личен баркод.-објасни Калајџиеска.

Зелените поени потоа може да бидат заменети со вредни придобивки и поволности како што се: ваучери за попусти во маркети и во други продажни објекти, попусти при плаќање јавни услуги и комунални трошоци, донации итн.

Паричните средства за покривање на повратните поени од вендинг машините се обезбедени од буџетот на Општина Струга.

Strugaonline

Facebook Коментари