Фото-изложбата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на WeBalkans претставена во Струга

- Локални
17

По успешните претставувања во Приштина, Белград, Подгорица, Скопје, Тирана и Маглај, фото-изложбата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на иницијативата WeBalkans пристигна и во Струга. Со тоа, Струга стана вториот град во нашата земја кој ја угостува оваа уникатна изложба.

Во просториите на Europe House Струга беа изложени 18 фотографии, избрани од вкупно 183 пријави од целиот Западен Балкан. Делата ја отсликуваат поврзаноста на спортот, младинскиот активизам и европските вредности.

Настанот беше отворен од Дона Срдиќ Лазаревска, менаџер на настани во WeBalkans, додека Иван Дургутов, координатор за партнерства и мрежи, ја претстави мисијата на WeBalkans и кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“.

Специјални гости на отворањето беа Илирјан Асани, бодибилдер и двократен национален шампион во Men’s Physique (2023 и 2024), и Ердал Лусо, морепловец од Струга кој се подготвува да го премине Атлантскиот океан. Тие ги споделија своите лични приказни за тоа како спортот инспирира, создава пријателства и ги поврзува младите во регионот.

Младите европски амбасадори, меѓу кои и Златка Кувенџиевска, ја истакнаа важноста на младинското учество, креативноста и заедничките европски вредности. Присутните имаа можност да слушнат и од Илина Пулејкова, млада фотографка од Северна Македонија и победничка на конкурсот, чија фотографија е дел од изложбата.

Со голем интерес и поддршка од граѓаните, „Три, четири, сега! Европа е наша!“ уште еднаш потврди дека Европската Унија е посветена на младите, нивниот развој и активно учество во општеството.

StrugaOnline

Facebook Коментари