Градоначалникот Менди Ќура оствари прием со фаќачот на светиот крст Петар Чакарески
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, денес оствари прием со фаќачот на светиот крст, Петар Чакарески, кој заедно со своите другари ја сподели радоста од големиот христијански празник Водици.
Средбата се одржа во пријатна и пријателска атмосфера, при што градоначалникот Ќура му упати искрени честитки на Чакарески, посакувајќи му успешна, здрава и бериќетна година. Притоа, тој истакна дека ваквите празнични настани имаат особено значење за локалната заедница и претставуваат симбол на духовноста и традицијата.
Ќура нагласи дека празниците и обичаите ги обединуваат граѓаните и се вистинска вредност за град како Струга, каде со меѓусебна почит и соживот живеат припадници на различни вери и култури.
Од Општина Струга порачаа дека и во иднина ќе продолжат да ги негуваат меѓусебното разбирање, почитта и заедништвото како темели на едно силно и сплотено општество.
StrugaOnline

