И Општина Струга се вклучи во кампањата „Да ги запознаеме ретките болести 2026“
Општина Струга официјално се приклучи кон кампања „Да ги запознаеме ретките болести 2026“, со која месец февруари е посветен на подигање на јавната свест за ретките болести и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата што живеат со нив.
Поаѓајќи од принципот дека секој граѓанин е еднаков и дека општеството мора да се гради врз инклузија, солидарност и разбирање, Општина Струга ја поддржува оваа хумана иницијатива во соработка со организацијата Ретки болести Охрид. Како дел од кампањата, одредени јавни објекти на територијата на општината ќе бидат осветлени во боите што симболизираат поддршка и солидарност со лицата со ретки болести.
Податоците укажуваат на сериозноста на проблемот – на светско ниво постојат повеќе од 300 милиони лица кои живеат со една од над 8.000 идентификувани ретки болести. Овие пациенти често се соочуваат со доцна дијагноза, ограничен пристап до соодветен третман и недоволна институционална поддршка. Дури 80 проценти од ретките болести се од генетско потекло, а во Македонија досега се дијагностицирани околу 90 различни ретки болести.
Кампањата „Да ги запознаеме ретките болести 2026“ ќе трае во текот на целиот месец февруари, со цел зголемување на информираноста, емпатијата и општествената одговорност кон „ретките“ меѓу нас.
Од Општина Струга упатија порака дека да се биде редок не значи да се биде невидлив и ги повикаа граѓаните да се приклучат во поддршката и ширењето на свеста.
StrugaOnline

