Изложба на пафти, токи, колани-украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј

- Локални
134

Во петок, на 6-ти декември 2024 година, во 12:00 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена „Изложба на пафти, токи, колани-украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј“.

На изложбата ќе бидат презентирани експонати што се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј Охрид. Вредни примероци, врвни занаетчиски изработки, највпечатлив накит на народната носија, но и дополнителен украс на градската облека што се носеле до средината на XX век. Повеќето потекнуваат од југозападниот и западниот дел на Македонија, а изработени се во XIX и почетокот на XX век. Кај овие украси се забележува богата орнаментика со различна симболика и значење преку која се препознаваат верските определби, народните верувања и се истакнува соединувањето, поврзувањето, преминот од еден во друг животен циклус, симболизирајќи ја плодноста и заштитата на жената.

Проектот е комплетно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година. Раководител на проектот и автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј Охрид.

Со овој настан НУ Завод и Музеј Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.

StrugaOnline

Facebook Коментари