Камерниот оркестар „ЕЛК“ од Кина вечерва на „Охридско лето“

- Локални
1032

Богатата музичка програма на 57-то издание на фестивалот Охридско лето продолжува вечерва со концерт на Камерниот оркестар „ЕЛК“  од Кина. Концертот ќе се одржи во катедралната Црква Света Софија, со почеток од 20:30 часот

На програмата ќе бидат дела на кинески композитори и традиционални национални мелодии, со интересни варијации.

Камерниот оркестар „ЕЛК“ е основан во септември минатата година, а неговите членови се дел од најпрестижните музички установи во Кина, како Кинескиот конзерваториум и Колеџот за музика „Капитал“ од Пекинг.

Оваа динамична група ја сочинуваат млади професори по музика, студенти и независни музичари. Нивна идеја е да создаваат музика која преставува рефлексија на нивните индивидуални музички гледишта, традицијата и современото живеење, националниот идентитет и космополитизмот. Идејата е на тој начин да се создадат оригинални композиции.

Камерниот оркестар „ЕЛК“, како еден од најквалитетните музички ансамбли, од страна на Кинеското Министерство за култура е избран да ја промовира кинеската култура низ светот, поради нивниот професионализам и висок стандард на изведби.

Facebook Коментари