Лев банер Десен банер

Ќура на средба со директорите: Во фокус проблемите и оптимизацијата на училиштата

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со раководителот на Секторот за образование, Џеми Хајредини, и шефот на Кабинетот, Шефкие Аласани Дика, одржа работна средба со директорите на основните и средните училишта во општината, како и со директорката на детската градинка и директорот на Ученичкиот дом.

На средбата се водеше отворена и транспарентна дискусија за актуелните состојби во образовните институции, при што директорите ги посочија клучните проблеми со кои се соочуваат. Меѓу најистакнатите предизвици се акумулираните долгови, сериозните проблеми со греењето, недоволниот и несоодветен ученички транспорт, лошата инфраструктура, како и значителното намалување на бројот на ученици.

Овие прашања беа ставени во фокусот на разговорите со цел заедничко изнаоѓање одржливи решенија и подобрување на условите за работа и учење. Во таа насока, беше најавено и започнување на процесот за оптимизација на училиштата, како стратешка мерка за поефикасно управување со ресурсите и стабилизирање на образовниот систем на локално ниво.

Од Општина Струга информираат дека остануваат посветени на системско и долгорочно решавање на проблемите во образованието, преку континуиран дијалог, транспарентност и партнерство со сите засегнати страни, со цел обезбедување поквалитетни услови за учениците и наставниот кадар.

StrugaOnline

error: