Ќура на средба со жителите на Лабуништа: Поголем институционален фокус и поддршка за заедницата
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, вчера оствари средба со претставници на месната заедница на Лабуништа, една од најголемите и најзначајни заедници во рамки на општината, со цел директно да се слушнат потребите и предизвиците со кои се соочуваат жителите.
На средбата отворено се разговараше за актуелните проблеми во заедницата, при што беше нагласена потребата од посилен институционален фокус и континуирана комуникација со локалното население – аспекти кои, според жителите, во изминатиот период недостасувале. Градоначалникот Ќура истакна дека овие прашања не се само административни, туку суштински животни потреби кои бараат сериозен пристап, посветеност и одговорно управување.
Тој нагласи дека Општина Струга ќе пристапи кон решавање на идентификуваните предизвици еден по еден, со конкретни активности и јасна намера Лабуништа да добие поголемо внимание и институционална поддршка, каква што, како што рече, реално заслужува.
Во своето обраќање, градоначалникот порача дека Лабуништа не е само административна единица во рамки на општината, туку заедница на блиски луѓе и пријатели, со кои локалната самоуправа гради доверба, партнерство и заедничка визија за развој.
Од Општина Струга потенцираат дека остануваат посветени на рамномерен развој на сите населени места, отворен дијалог со граѓаните и креирање политики што се темелат на почит, блискост и заедничка одговорност за иднината.
StrugaOnline

