Ќура: Статиката да биде задолжителен услов за легализација – безбедноста пред сè
Статиката на објектите мора да стане задолжителен предуслов во постапките за легализација, бидејќи безбедноста на граѓаните не смее да биде сведена на формалност. Оваа иницијатива ја покрена градоначалникот на Струга, Менди Ќура, на официјалната средба со директорот на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Игор Ѓорѓиев, и неговата експертска екипа.
На средбата беше изразена загриженост во однос на постојните процедури за легализација на дивоградбите, при што градоначалникот посочи дека во одредени случаи не се обезбедуваат доволно стручни и технички анализи пред донесување на одлуките. Според него, неопходно е законско воведување на задолжителна конструктивна проверка на статиката како клучен механизам за заштита на безбедноста на граѓаните и стабилноста на инфраструктурата.
„Не смееме да дозволиме процесите на легализација да се спроведуваат без темелна стручна проценка на безбедносните аспекти. Станува збор за долгорочна сигурност на објектите и заштита на човечки животи“, истакна Ќура.
Во продолжение, на работилницата во рамки на проектот NATURE-DEMO, градоначалникот нагласи дека климатската отпорност и заштитата на критичната инфраструктура претставуваат стратешки приоритет за Општина Струга. Тој потенцираше дека решенијата засновани на природата се современ и одговорен пристап во управувањето со водните ресурси и климатските ризици, особено во регион каде водата има економско, еколошко и безбедносно значење.
Интеграцијата на научни методологии, дигитален мониторинг и силна институционална координација, според него, претставува основа за градење одржливи и сигурни системи. Општина Струга, како што беше посочено, останува активно вклучена во европските иницијативи и политики за климатска адаптација, со јасна визија за безбедна, отпорна и одржлива иднина.
StrugaOnline

