Концертот „Нови бои на минатото“ вечерва носи музичко уживање на „Охридско лето“

- Локални
937

„Охридско лето“ продолжува да ги задоволува сите уметнички вкусови. Оваа вечер е резервирана за љубителите на класичната музика. Со почеток од 20 часот и 30 минути во катедралната црква Света Софија концерт ќе одржи дуото „Алиада“ од Австрија. Дуото го сочинуваат саксофонистот Михал Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ, кои од страна на музичките критичари се опишани како двајца „неверојатно талентирани и креативни музичари“,

Концертот носи наслов „Нови бои на минатото“ (исто како нивниот прв албум). На програмата се дела од:  Хендл. Григ,  Пендерецки, де Фала, Барток и Пиацола, сите аранжирани за саксофон и хармоника од дуото.

Од нивното формирање во 2013 година, дуото веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада. Настапите на дуото редовно се емитуваат на австриските радио и телевизиски станици.

 

 

Facebook Коментари