Кубанска вечер и концерт на италијански музичари вечерва на Охридско лето

- Локални
691

Вечерва со почеток во 21:00 часот, во рамките на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“  ќе се одржи Кубанска вечер.

Екос Фламенго е специален проект на Министерството на Р.Куба, а по покана и во соработка со Министерство на Култура на Р.Македонија – EUROPE TOUR 2018.

Во 1999 година група искусни танчери и музичари на фламенго музика ја создаваат Фламенго компанијата ЕКОС. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во Хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството за култура на Куба. Членовите на ЕКОС се танчери со неоспорлив талент, високо техничко ниво, кои се обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот. Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапувале и на фестивали, како и голем број национални и интернационални случувања во земјата. Покрај тоа, се имаат претставено и на фестивали во Абу Даби, Обединетите Арапски емирати и во Кувајт, а настапувале и во Турција. Од 2009 година, основачите на ЕКОС – прима балерината, кореограф и уметнички директор Ана Роса Менесес и музичарот, пејач и музички директор Мигуел Чавез започнуваат проект во кој прават спој на јоруба музиката, кантри музиката и танцови елементи од популарната кубанска музика со разновидни фламенго жанрови. Овој проект веќе со години доживува одобрување од публиката насекаде. Покрај изведувачката дејност, ЕКОС многу често одржува и курсеви и работилници со Фламенго школата во рамките на Фламенго клубот. Покрај кубанските популарни танци, на овие предавања слушателите имаат можност да учат и пеење, а се одржуваат и фламенго конференции.

Исто така во склоп на Охридско лето, во стандарниот фестивалски термин од 21:00 часот, во катедралната црква Света  Софија концерт ќе одржат Џузепе Нова – флејта, и Џорџо Коста – пијано од Италија.

Прочуен како еден од најистакнатите италијански флејтисти на својата генерација, Џузепе Нова дебитира во 1982 година како солист со Симфонискиот оркестар на италијанската телевизија РАИ. Со ова започнува неговата блескава кариера, која го носи во најпрестижните концертни сали во Европа, Соединетите Американски Држави и Азија (Јапонија, Тајланд, Кина, Кореја, Сингапур). Како солист соработувал со бројни оркестри во најпознатите концертни сали и фестивали. Како еден од најбараните професори, често одржува и мајсторски курсеви низ светот. Издал голем број компакт-дискови соработувајќи со еминентни изведувачи, а од 2006 година снима за познатата јапонска издавачка куќа „Камерата Токио“. Во моментов работи како професор во фондацијата „Аоста Мјузик“ и како гостин-професор на Колеџот „Света Марија“ во Мериленд, САД.

Џорџо Коста дипломира со највисоки почести на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Турин, а специјализира под менторство на Алберто Моцати и Фаусто Задра во Интернационалната школа за пијано во Лозана. Учествувал на мајсторските курсеви предводени од Рикардо Бренгола и мајсторскиот курс на Мареј Перахиа во Фиренца. Денес Коста редовно одржува рецитали, настапува како солист со оркестар и во камерни состави со добро познати светски изведувачи. Досега се појавил на музичките сцени во Европа, САД, Јужна Америка и Јапонија. Неговата дискографија опфаќа неколку снимки издадени од РАИ. Работи како професор на Конзерваториумот „Новара“ и во Школата за музика во Аоста.

Strugaonline

фото: Охридско лето

 

 

Facebook Коментари