Лида и Милко нудат нова награда, исчистете догорчиња од цигари и добијте бесплатен професионален портрет
Меѓународната уметница Лида Шерафатманд која живее во Струга, заедно со струшкиот уметник Милко Нестороски промовираат нова награда за животна средина. Во јуни минатата година, двајцата уметници отворија свое ателје во градскиот пазар и од тогаш се активни во различни културни проекти. Спојувајќи ги културата и екологијата, тие нудат изработка на професионален портрет како награда за чистење догорчиња од цигари низ градот.

Наградата ќе се доделува секој месец, во наредните 12 месеци, почнувајќи од ноември 2021. Секој месец ќе бидат избрани по двајца победници, според бројот на догорчиња кои ги собрале. Тие ќе имаат шанса да добијат бесплатен монохроматски портрет од која било личност по нивен избор, изработен или од Лида Шерафатманд или од Милко Нестороски. Како може да учествувате? За да може да учествувате треба да собирате догорчиња од цигари од јавните површини во пластично шише , а потоа да ги однесете во ателјето на Флоресенцизмот ( градски пазар Струга, втор кат), пред 26-ти секој месец.
На првите двајца кои собрале најмногу догорчиња ќе им биде доделена бесплатна изработка на портрет. Пред да дојдете во ателјето известете ги уметниците со јавување на телефонскиот број 078/249 250 или со испраќање на електронска пошта на: info@lida.gallery , или https://www.facebook.com/AtelierFlorescencism
Уметниците Лида и Милко веруваат дека културата, животната средина и економијата треба да работат рамо до рамо, заедно, со цел благосостојбата на луѓето и средината во која живеат секогаш да бидат приоритет. Нивното ателје „Кандилка“, ателје на Флоресенцизам го носи името на едно од типичните цвеќиња за Струга кое личи на споени лебеди и го отсликува присуството на лебедите, езерото и реката во Струга. Поимот „ флоресенцизам“ е нивниот уметнички концепт кој преку посебна грижа ги спојува општественото и природното. Ставајќи акцент на процесот на цветање и постојната трансформација, ги нагласува креативните потенцијали на човекот кога се соочува со внатрешни и надворешни предизвици. Со таков начин на размислување, преку овој проект, двајцата уметници ја нудат својата уметност кон заштита на животната средина.

