Литванскиот виолинист Џулијан Рахлин ќе го отвори 64-тото „Охридско лето“

- Локални
325

Светски познатиот виолинист  од Литванија Џулијан Рахлин  придружуван од оркестарот на Македонската филхармонија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид  ќе го отвори годинешното 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма за ова издание.

-Годинава за Свеченото отворање на Античкиот театар ви најавувам грандиозен концерт со светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти кој  ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација, изјави Поповиќ.

За годинава се најавени над 500 уметници од 24 земји. Уметничката  програма конципирана од селекторката Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации, и по една изложба и промоција на книга.

Селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, рече дека секоја година ја конципира програмата  на фестивалот „Охридско лето“ според искуството од претходната година. За 64-то издание на фестивалот најави квалитетни музички имиња од Македонија и светски познати музичари.

-Не очекуваат голем број настани, меѓу нив македонските изведувачи Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-пијано дуо, Влатко Стефановски кој оваа година одбележува 50 години од неговата кариера, концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, охриѓанецот Климент Тодороски-виолинист. Имаме два концерти посветени на македонските композитори Томислав Зографски, Стојче Тошевски и Гоце Коларовски. Од странските музичари ќе може да се слушнат и германскиот гитарист Герхарт Рајхенбах, британскиот пијанист Бери Даглас, српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ Сузуки заедно со рускиот пијанист Андреј Гугнин и уште многу други. На роденденскиот концерт на фестивалот ќе настапи салса ансамблот „Меркадонегро“ кој ќе ги разбие класичните концерти. На завтворањето на музичкиот дел ќе настапат врвната белгиска виолончелистка Ками Тома во придружба со францускиот пијанист Жулиен Брокал-информираше Чадловска.

Годинешното „Охридско лето“, според драмската селекторка Сања Арсовска, ќе донесе разнолика театарска авантура, разноликост во стиловите, формата, естетиката и драматургијата, и како што рече, на ова издание ќе има три премиерни изведби.

-Првата премиера на „Охридско лето“ ќе се случи на 22 јули  со претставата „Галеб“ на Битолскиот народен театар, а во режија на Багријана Попов. После ова, на 28 јули,  следи уште една премиера на Шекспировата „Крал Лир“ во продукција на Lit Moon theatre company од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија, Македонија. Претставата е режирана од Џон Блондел. Третата премиера е од театарот „Џинот“ од Велес на 30 јули. Се работи за претставата „Рацин“, работена според делото на нашиот непослушен комунистички романтичар, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски, најави Арсовска.

Покрај премиерите,  драмската програма на 64-тото „Охридско лето“ ќе ги донесе  и театарските претстави „Безгрешна“ со СНГ драма од Марибор,  „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмски театар Белград, стенд-ап шоу на  српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во продукција на Југословенскиот драмски театар Белград која на 20-ти август  ќе ја спушти завесата на  годинешното фестивалско издание.

Strugaonline

Facebook Коментари