Охридското Езеро е наше најголемо природно езеро. Осцилациите на водостојот на Охридското Езеро биле природни се до 1962 година. Со изградба на преградата на р.Црн Дрим кај Струга нивото на езерото се контролира во зависност од eнергетските потреби на Македонија и Албанија.
За анализа на хидролошките карактеристики на Охридското Езеро се користат податоци од водомерната станица во Охрид чија локацијата е во близина на Охридското пристаниште. Нејзината нула е поставена на кота 693,17m. Станицата работи од 1924 година, а во седумдесетите години е обезбедена со лимниграф. Од пред 2,5 години на станицата има поставено модерен инструмент чии податоците се пренесуваат на интернет. Во близина на станицата е поставен и панел, пред се локалната јавност да има информации за состојбата со езерото.
Повеќегодишните средномесечни карактеристични вредности на водостоите за Охридското Езеро се движат во граници од 17 до 49 cm со амплитуда на осцилирање од 32cm. Просечната годишна вредност на водостоите за периодот од 1951-2010 година изнесува 32cm, а на годишно ниво се менува од -3 до 82cm, со амплитуда на осцилирање од 85cm.
Апсолутно забележаниот максимум кај Охридското Езеро бил регистриран на 22 февруари 1963 година со H = 142cm, додека апсолутен забележан минимум H = -17cm (или кота 693.00 m), е регистриран на 29 октомври 1990 година. Апсолутната амплитуда изнесува 159cm.
Поради фактот што водите од езерото се користат и за производство на ел.енергија, со цел да се зачува растителниот и биолошкиот свет во езерото каде егзистираат организми постари и од 2 милиони години, на ниво на Република Македонија донесен е договор со кој се регилура испуштањето на водата од езерото, а ЕЛЕМ кој стопанисува со испуштањето на водите од езерото кај Струга е обврзан да го почитува, па поради тоа има и сопствен мониторинг.
Според овој договор максимално дозволената кота на езерото изнесува 693,75 m, што значи доколку нивото на езерото дојде на кота од 693,76 m (H=58 cm) ЕЛЕМ мора да ги отвори преградите кај Струга (доколку се затворени) и да ја испушти водата за да не дозволи надминување на оваа дозволена кота на нивото на езерото.
Во случај на малуводие во сливот на езерото, односно при ниски водостои на езерото, како што имаме во моментов, дозволениот минимум е на кота од 693,10 (H=-7cm).
Во изминативе две недели се вршea проверки на квалитетот на мерењата како на дисплејот, така и на автоматската станица во споредба со измерениот од страна на нашиот набљудувач. При мерењата беа забележани разлики во мерењата како на температурата на воздухот и водата, така и на водостојот на езерото. Со сервисерот на дисплејот е договорено да се следи ситуацијата и да се изработи подобрен софтвер.
Во меѓувреме слушајќи ги реакциите на Хидробиолошкиот Завод од Охрид и на граѓаните на Охрид за нискиот водостој на езерото, УХМР испрати екипа од хидролози да ги провери инструментите и водостојот на самата водомерна станица од Охридското Езеро во Охрид.
Од проверките е установено дека нивото на водата на езерото изнесува -11 cm, а на дисплејот беше забележан водостој од -17 cm. Со контрола на водостојот утврдено е дека нивото на езерото било 4 cm под дозволениот минимум. Оваа информација веднаш беше проследена до ЕЛЕМ, на кое тие веднаш реагираа со намалување на истекот кај Струга.
Слика 1. – Водомерна станица Охрид – Водомерни летви (стари и нови)
УХМР има задача да ги мониторира водостоите на водотеците и езерата и доколку се забележат одредени пропусти да се реагира и тие да се поправат. Поради застареност на водомерните летви и поради наслаги од мов, алги и школки (Слика 1), водостојот бил погрешно отчитан од страна на набљудувачот од Охрид. За подобро читање уште вчера (30.01.2017г.) беше извршена замена на водомерните летви, а воедно беше пристапено и кон чистење на бунарот каде е мерниот сензор од автоматската станица и дисплејот.
Поради појавените разлики на дисплејот со оние на реалниот водостој пред се поради наслагите од песок и мил околу мерниот сензор по чистењето се очекува подобрување на информацијата од дисплејот за нивото на езерото и поради тоа во наредните денови дисплејот ќе остане да работи за да се тестира неговата веродостојност (Слика 2). Доколку и понатака дава погрешни податоци, дисплејот ќе се исклучи се додека не се направи детален сервис и замена на софтверот. По извршениот сервис дисплејот повторно ќе биде вклучен.
Слика 2. – Информативна табла (дисплеј) за информирање на локалното население од Охрид
За моменталната хидролошката состојба можеме да кажеме дека:
Во текот на целиот месец декември (2016г.) на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 10 l/m2 врнежи, вредност која е под просекот и која за периодот од 1981-2010 изнесува 81 l/m2, што значи цели 71 l/m2 помалку од просечната вредност. Во месецот кој изминува на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 18 l/m2 и тоа врнежи кои главно беа во вид на снег. Просекот за месец јануари за периодот од 1981-2010 изнесува 59 l/m2, што значи врнежите беа помали за 41 l/m2 под просечната вредност.
Ваквата состојба со врнежите директно влијае на нивото на езерото и очекувана е ваква реакција на езерото, т.е. ниски водостои и сосема е нормално оваа тенденција да продолжи, затоа што во зимските месеци очекувани се мимимални зимски екстреми пред се поради слабите врнежи, но и поради ниските температури кои влијаат негативно на природниот истек.
Секако на нивото на езерото има влијание и начинот на кој се стопанисува со езерото. Поточно колку вода се испушта. Од ЕЛЕМ добивме информација дека до скоро се испаштало 7,00 m3/s, и дека по потврдената информацијата дека нивото на езерото е под дозволениот минимум тие испиштаат 3,00 до 4,00 m3/s, пред се за задоволување на биолошкиот минимум на р.Црн Дрим на потегот од Струга до Езерото Глобочица.
Состојба со Охридското Езерото 30.01.2017 г.:
Денеска водостојот изнесува -12 cm (или кота 693.05 m), за 5 cm пониско од дозволениот минимум. ЕЛЕМ уште вчера го намалија истекот на водата од езерото кај Струга и водостојот на р.Црн Дрим кај Ложани утрово беше пониско за 55 cm.
Со намалувањето на испустот на водата од Охридското Езеро кај Струга, се очекува во наредниот период нивото во езерото да стагнира, па постепено да почне да расте.
м-р Васко Стојов дипл.град.инж.-хидро
Раководител на Одделение за хидрологија на површински води
Facebook Коментари