Наскоро ќе се одржи проектот „Креативност“ за поттикнување на младите за креирање на авторски дела
Охрид на 18 јули ќе биде домаќин на проектот „Креативност“, настан чија цел е да ги поттикне младите автори да ги претстават своите дела пред јавноста и да ја промовираат современата креативна сцена.
Настанот ќе се одржи на плоштадот „Долна Порта“, со почеток во 21 часот, а посетителите до полноќ ќе имаат можност да проследат богата програма исполнета со музика, уметност, литература и рачни изработки.
За музичката атмосфера ќе се погрижи Никола Тони со диџеј-сет, а воедно ќе биде претставена и изложба на креативни ламби изработени од дрво.
Во рамки на програмата, Јане Наумоски, познат под името „Rogue Brush“, ќе изложи рачно изработени диорами инспирирани од светот на фантазијата и научната фантастика. Ќе биде промовирана и книгата „ROCK ‘N BEAT“ од авторот Михајло Грбевски.
Своите уникатни производи ќе ги претстават и Славко Баче со брендот „Bache Handmade Design“, кој ќе изложи дрвени играчки и сувенири, како и „Канео 2012“, со понуда на дрвени сувенири, сложувалки и едукативни играчки.
На настанот ќе учествува и Култ – Културниот центар од Охрид, кој ќе ги претстави делата создадени на своите креативни работилници, додека Академија „СЈАЈ“ ќе организира презентација на техниките за цртање на лице и тело, прикажувајќи ја креативната едукација што ја нуди преку практична работа и современи уметнички пристапи.
Организаторите истакнуваат дека проектот има за цел да ја поттикне креативноста кај младите, да обезбеди простор за нивна афирмација и да ја доближи уметноста до пошироката публика.
Доколку временските услови не дозволат одржување на настанот на 18 јули, организаторите информираат дека истиот ќе биде презакажан за 19 јули, со почеток во 21 часот.
StrugaOnline

