Денеска, во изборниот штаб на независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга, Менди Ќира, се одржа првата прес-конференција на која тој ја најави својата визија и приоритети за градот.
Ќира потенцира дека ќе води цивилизирана и граѓанска кампања без навреди кон политичките опоненти. Тој апелираше директорите на јавните претпријатија и образовните институции да не вршат притисоци врз вработените, истакнувајќи дека добил информации за вакви појави.
„Имаме многу значајни проекти за Струга и верувам дека граѓаните за првпат ќе имаат можност да гласаат за независен кандидат кој знае и може да ја менаџира општината,“ изјави Ќира.
На новинарско прашање за можните ризици во однос на правилникот за собирање потписи за независни кандидати и улогата на Уставниот суд, тој одговори дека не очекува нова постапка:
„Уставниот суд веќе ја донесе својата одлука и не верувам дека ќе има повторна процедура.“
Меѓу приоритетите на неговата програма, Ќира ги издвојува: реконструкцијата на патот Мороишта – Струга, решавање на проблемот со недостиг на паркинг-места и изградба на гаражи, замената на канцерогените азбестни цевки, решавање на проблемот со кучињата скитници, поставување на ново улично осветлување, проекти за уредување и развој на градските плажи.
„Струга ќе ја претставам најдобро што е можно, со многу работа, силна екипа и аплицирање со проекти до Владата, амбасадите и меѓународните фондови. Не сакам да се враќам во минатото – нашата цел е иднината и подобра Струга,“ порача независниот кандидат Менди Ќира.
StrugaOnline
Facebook Коментари