Нова донација за струшките болници: Пристигнуваат 11 современи монитори, се формираат и првите единици за интермедијарна нега
Двете болници во Струга наскоро ќе бидат целосно опремени со современи монитори за следење на пациенти, благодарение на втората донација реализирана преку заедничката соработка на Општина Струга, раководствата на здравствените установи и германската болница Carl von Basedow Klinikum.
Како што информираат од Општина Струга, донацијата е резултат на заедничките напори на градоначалникот Менди Ќура, директорот на Општата болница во Струга, д-р Јетмир Зиба, директорот на Специјалната болница за нефрологија, д-р Владо Бунчески, како и лекарот д-р Шќелќим Реќи, кој работи во германската болница Carl von Basedow Klinikum и активно придонесува во воспоставувањето на оваа соработка.
Донацијата опфаќа вкупно 11 монитори за континуирано следење на пациентите. Два од мониторите веќе се предадени, додека транспортот на преостанатите девет е организиран и се очекува тие наскоро да пристигнат во Струга.
Со новата медицинска опрема, двете струшки болници ќе располагаат со современи системи за мониторирање на пациенти во критична состојба, што значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на здравствените услуги.
Паралелно со оваа донација, во двете здравствени установи за првпат се работи на воспоставување единици за интермедијарна нега (Intermediate Care), наменети за пациенти со потешка здравствена состојба на кои им е потребен постојан медицински надзор, но не и лекување во единица за интензивна нега.
Во овие оддели ќе биде овозможено континуирано следење на виталните параметри, неинвазивна вентилација (CPAP), интензивен мониторинг на крвниот притисок, како и напредна медицинска грижа за пациентите кои бараат постојан надзор и третман.
Од Општина Струга оценуваат дека ова претставува значаен исчекор во модернизацијата на локалниот здравствен систем и подобрувањето на условите за лекување на пациентите, со што здравствените установи ќе добијат нови капацитети за обезбедување поквалитетна и посигурна здравствена заштита.
StrugaOnline

