Лев банер Десен банер

Ново големо археолошко откритие кај Корошишта: Воински гроб од VI век пр. н.е. со злато, оружје и килибар

Ново значајно археолошко откритие е направено на локалитетот Расница, во близина на струшкото село Корошишта, каде што е откриено богато војничко погребување датирано во VI век пред новата ера.

Во гробот археолозите пронашле штит, шлем, копја и меч, но и бројни богати гробни прилози изработени од злато, бронза и килибар. Наодите сведочат за значењето на погребаната личност и за развиените погребни обичаи во овој период.

Новото откритие доаѓа како продолжение на значајните археолошки резултати од 2024 година, кога истражувањата на Расница го привлекоа вниманието на јавноста со откривањето на богата гробна целина. Тогаш беа пронајдени бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златни предмети, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли, како и повеќе бронзени садови.

Најновите наоди дополнително го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола, но истовремено отвораат и нови можности за истражување на погребните практики, воената и општествената структура и животот на елитите во Охридско-струшкиот Регион во VI век пр. н.е.

Археолошките истражувања ги спроведува Националниот археолошки музеј од Скопје, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство.

На денешната прес-конференција за значењето на новите откритија говореа кустосот советник во Националниот археолошки музеј, д-р Перо Арџанлиев, директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова, директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева, директорот на НУ Завод и музеј – Охрид Горан Патчев, како и директорката на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга, Цветлана Василевска.

Според надлежните, новите наоди претставуваат значаен придонес кон проучувањето на архајскиот период во Македонија. Со континуираното истражување, локалитетот Расница постепено се издвојува како еден од позначајните археолошки комплекси од овој период во земјава.

Откритијата кај Корошишта отвораат и ново поглавје во истражувањето на историјата на Охридско-струшкиот Регион, сведочејќи за богатството, културните врски и општествената организација на заедниците кои живееле овде пред повеќе од 2.500 години.

StrugaOnline

error: