Охридското Езеро порибено со сто илјади единки охридска пастрмка
Министерот Борче Серафимовски оценува дека има значителен напредок во обновувањето на охридската пастрмка, а надлежните најавуваат и засилени мерки за заштита на јагулата и сузбивање на нелегалниот риболов.
Охридското Езеро е порибено со нови 100.000 единки охридска пастрмка со просечна тежина од 4,2 грама, со што е заокружен циклусот на порибување за оваа година. Со последната акција продолжуваат напорите за обновување на популацијата на еден од најзначајните ендемски видови во езерото.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, при посетата на Хидробиолошкиот институт во Охрид, оцени дека досегашните резултати се повеќе од задоволителни.
Во текот на август и септември, како што информираше, сите риболовни зони на Охридското Езеро биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тони повеќе од првично предвидените 4,9 тони.
Дополнително, годинава во езерото биле внесени и 100.000 поголеми единки охридска пастрмка од минатогодишниот мрест, со просечна тежина од 16 грама. Оваа мерка, според Серафимовски, е особено важна за надоместување на застојот во вештачкиот мрест во периодот од 2019 до 2023 година.
Активностите за обновување на рибниот фонд ќе продолжат и во 2027 година. За таа цел е потпишан договор со Хидробиолошкиот институт за нов циклус на вештачки мрест и порибување, во рамките на кој се планира во езерото да бидат внесени дополнителни 1.550.000 млади единки охридска пастрмка.
Серафимовски посочи дека напредок има и во обновувањето на летната форма на охридската пастрмка, кај која по повеќе од две децении повторно е добиен подмладок.
„По 23 години од последниот вештачки мрест на оваа форма, експериментално е добиен подмладок кој успешно се одгледува и отвора можност за поинтензивно порибување“, истакна министерот.
Покрај активностите за зачувување на охридската пастрмка, Министерството работи и на заштита на јагулата, вид кој се наоѓа под сериозна закана.
Според Серафимовски, Владата за првпат усвоила Национален план за управување со јагулата, кој предвидува мерки за пуштање подмладок и безбеден транспорт на сребрените јагули при нивната миграција кон морето.
„Четириесет проценти од утврдената годишна квота за лов на јагула во традиционалната рибарска замка „Далјан“, на Црн Дрим кај Струга, треба да бидат пренесени во морската средина“, појасни министерот.
На овој начин, како што нагласи, ќе им се овозможи на јагулите да го продолжат патот кон Саргасовото Море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите долж течението на Црн Дрим.
Паралелно со порибувањето, продолжуваат и контролите за заштита на езерото и спречување на нелегалниот риболов.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, информираше дека од почетокот на 2026 година до денеска биле спроведени вкупно 231 инспекциски надзор на Охридското Езеро, при што биле издадени 21 платен налог за утврдени прекршоци.
Од нив, четири се однесуваат на правни лица и нивните управители, додека останатите се издадени на физички лица.
Контролите се спроведуваат во соработка со рибочуварската служба од Охридскиот Регион и езерската гранична полиција, а опфаќаат и надзор над концесионерите и почитувањето на нивните договорни обврски.
Ангеловски нагласи дека борбата против нелегалниот риболов бара заедничко дејствување на сите надлежни институции, но и подобрување на законската регулатива.
„Инспекторатот е само една алка во целиот синџир. Мора да поработиме и на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби, за да создадеме подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување“, изјави тој.
Спроведувањето на мерките за порибување и заштита, како и следењето на нивните ефекти, ќе продолжат преку Хидробиолошкиот институт, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Надлежните институции најавуваат продолжување на активностите за зачувување на рибниот фонд и биолошката разновидност на Охридското Езеро, со посебен акцент на обновувањето на охридската пастрмка и заштитата на загрозените видови.
StrugaOnline

