Општина Струга ќе ги чисти одводните канали
По обилните дождови и поплавите што ја зафатија Општина Струга во изминатиот период, градоначалникот Менди Ќyра изврши теренски увид на состојбата со одводните канали на територијата на општината.
Активноста доаѓа по заклучоците од претходниот состанок на Советот за управување со кризи, на кој учествуваа градоначалникот Ќyра, Општинскиот инспекторат, Дирекцијата за води и Противпожарната единица, а во присуство и на претседателот на Советот на Општина Струга. Како што беше истакнато, по анализата на состојбата, време е за конкретно дејствување на терен.
Во наредниот период ќе бидат идентификувани сите злоупотреби и узурпации на одводните канали од страна на физички и правни лица, како и каналите кои се блокирани со урбан отпад. Општината ќе предвиди средства за нивно чистење и оспособување во најкраток можен рок, со цел да се спречат нови поплави и материјални штети.
Сите наталожени проблеми, кои, како што беше посочено, се провлекуваат со децении, ќе бидат адресирани и на наредната седница на Советот на Општина Струга.
Од општината потсетуваат дека одводните канали во урбанизираниот дел се под надлежност на локалната самоуправа, додека во неурбанизираните подрачја со нив управува Дирекцијата за води. Сепак, како што нагласи градоначалникот, тоа нема да биде пречка за соработка и спроведување на најитните интервенции таму каде што има потреба.
Во услови на климатски промени, кои дополнително ги отежнуваат условите за живеење, од Општина Струга упатуваат апел за зголемена одговорност и од институциите и од граѓаните.
„Отпадот фрлен во одводните канали денес, утре може да заврши во подрумите на нашите домови“, порачаа надлежните, апелирајќи на совесно и одговорно однесување во заеднички интерес.
StrugaOnline

