Општина Струга: Наместо да се плаќаат последиците, предложивме решение за проблемот со бездомните кучиња
Општина Струга соопшти дека предложениот модел за справување со проблемот со бездомните кучиња има за цел да обезбеди поголема безбедност за граѓаните и поефикасно користење на средствата што веќе се издвојуваат за последиците од овој проблем.
Во појаснувањето до јавноста, од Општината наведуваат дека годишно се трошат меѓу 70.000 и 100.000 евра за покривање на трошоци поврзани со бездомните кучиња. Според нив, во оваа сума се вклучени договорите со ветеринарни служби, надоместоците за лицата каснати од кучиња, судските постапки, трошоците кај извршителите и други обврски што произлегуваат од нерешениот проблем.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека овие средства не претставуваат нов финансиски товар, туку средства што Општината и досега ги издвојувала, без трајно да се реши состојбата.
Како решение беше предложен модел на јавно-приватно партнерство, според кој избрана компанија преку јавна постапка би имала обврска да изгради и управува со современо прифатилиште за бездомни кучиња, да врши нивно заловување, транспорт, ветеринарен третман, стерилизација, вакцинација, идентификација и регистрација, како и да работи на нивно вдомување и реинтеграција. Во рамките на моделот се предвидени и водење евиденција, организирање едукативни кампањи за одговорно сопствеништво на домашни миленици, како и покривање на трошоците поврзани со судските постапки.
„Наместо граѓаните да ги плаќаат само последиците од проблемот, целта е истите средства да се искористат за негово трајно решавање“, наведуваат од Општина Струга.
Во соопштението се посочува дека предложениот модел не добил поддршка од дел од советниците во Советот на Општина Струга. Од Општината наведуваат дека предлогот не бил поддржан од советниците на ДУИ, Независната листа и Левица, а воедно тврдат дека од овие советнички групи досега не бил предложен алтернативен модел за решавање на проблемот.
Прашањето за справување со бездомните кучиња останува актуелно во Струга, додека во јавноста продолжуваат дебатите околу можните решенија за намалување на бројот на кучиња скитници и подобрување на безбедноста на граѓаните.
StrugaOnline

