Општина Струга објави јавен повик за субвенционирање за заинтересирани кои се занимаваат со водење туристички групи на планина
Општина Струга објави јавен повик за субвенционирање за заинтересирани кои се занимаваат со водење туристички групи на планина, заради промоција на планинскиот туризам и авантуризмот.
Право на учество на овој јавен повик имаат сите физички лица, невладини организации, здруженија и други субјекти, кои дејствуваат на територијата на Општина Струга, а се занимаваат со водење туристички групи на планински предели, со кое се промовира планинскиот туризам во сите негови форми (пешачење, планинарење, алпинизам, спортско качување, планински велосипедизам, скијање и сноубординг, јавање, еко-тури, авантуристички активности, спелеологија, културен и етно-туризам, како и фотографски туризам).Средствата се наменети со цел промоција на Општина Струга како туристичка дестинација, со посебен акцент на развој и промоција на планинскиот и руралниот туризам во сите негови форми, а особено заради поддршка на сите физички лица, невладини организации, здруженија и други субјекти кои како дејност организираат и водат туристички групи на планина.
Одделението за туризам предвидува доделување субвенции а износот на средства за субвенционирање кој ќе биде доделен на физичките лица, НВО и здруженија изнесува 300.000,00 денари, според Програма Г-2 (Туризам), конто 464990, а кои ќе се распределат пропорционално подеднакво според конечниот број на поднесени валидни барања за субвенционирање.
Физичките лица, НВО, здруженијата и другите субјекти, наведени погоре во текстот, доставуваат барање на посебен образец кој е достапен во шалтерот на општинската администрација, заедно со друга пропратна документација.
Потребни документи за аплицирање се:
– Барање,
– Копија од лична карта за физички лица,
– Трансакциска сметка за физичките лица,
– Лиценца/цертификат за водење групи на планина,
– Акт за регистрација/основачки акт (за невладини организации и здруженија),
– Статут или друг документ со кој се докажува дејноста поврзана со планински/рурален туризам и авантуризам,
– Потврда или референции за претходни активности/реализирани проекти во областа на планински туризам,
– Друга документација.
Потребната документација се доставува на шалтерот на општинаската администрација најдоцна до 10 декември 2025 година, од 08:00 до 16:00 часот.
Напоменуваат дека нецелосната документација или барања со документација доставени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани и ќе се сметаат за невалидни. За потврда на веродостојноста на податоците ќе се изврши проверка во Одделението за Туризам, како и во Секторот за финансиски прашања на Општина Струга. Посебна комисија формирана од Градоначалникот на Општина Струга ќе ги разгледува поднесените барања и ќе изготви листа на одобрени барања.
Секторот за финансиски прашања на Општина Струга, со посебни решенија ќе изврши исплата на средствата по овој јавен повик на сметките на барателите.
StrugaOnline

