Општина Струга распиша конкурс за лого и слоган за промоција на градот како туристичка дестинација
Награден фонд од 100.000 денари за најдобрите креативни решенија, а заинтересираните граѓани можат да се пријават до 4 ноември 2026 година.
Општина Струга распиша јавен конкурс за изработка на лого и слоган со кои ќе се промовира градот како туристичка дестинација. На конкурсот можат да учествуваат сите креативни и талентирани лица со живеалиште на територијата на општина Струга.
За најдобрите креативни решенија е предвиден вкупен награден фонд од 100.000 денари, а крајниот рок за доставување на пријавите е 4 ноември 2026 година, до полноќ.
Според условите на конкурсот, учесниците треба да достават предлог за лого и слоган на англиски јазик, како и на албански или македонски јазик. Покрај визуелното решение и слоганот, пријавата треба да содржи и краток опис на концептот, идејата и инспирацијата врз кои се заснова предлогот.
Пријавите треба да се достават во затворен плик до Општина Струга, во новата општинска зграда. Од Општината информираат дека вработените во општинската администрација немаат право на учество на конкурсот.
Целта е преку креативни идеи да се создаде нов туристички идентитет за Струга, кој ќе придонесе за нејзина препознатливост и промоција пред домашните и странските посетители.
Заинтересираните граѓани имаат можност со своите идеи да придонесат кон претставувањето на Струга како туристичка дестинација и да бидат дел од создавањето на нејзиниот нов визуелен идентитет.
StrugaOnline

