Лев банер Десен банер

Општина Струга со нов модел за справување со бездомните кучиња

Општина Струга најави нов пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња, преку воспоставување јавно-приватно партнерство, со цел обезбедување долгорочно, одржливо и хумано решение.

Според информациите од Општината, приватна компанија ќе биде задолжена за целокупното управување со процесот – од проектирање, изградба и ставање во функција на современо прифатилиште за кучиња, до нивно фаќање, транспорт, згрижување и ветеринарен третман.

Проектот предвидува стерилизација и кастрација, вакцинација, идентификација и регистрација на бездомните кучиња, како и нивно вдомување и реинтеграција. Дополнително, ќе се воспостави електронска евиденција со редовно известување до Општината, а ќе се реализираат и едукативни активности за поттикнување одговорно сопствеништво на домашни миленици.

Од локалната самоуправа посочуваат дека секоја година од општинскиот буџет се издвојуваат над 100.000 евра за исплата на надоместоци на граѓани каснати од кучиња и за судски трошоци. Со новиот модел, овие средства ќе бидат насочени кон системско и трајно решавање на проблемот.

Целите на проектот се намалување на бројот на бездомни кучиња на законски и хуман начин, зголемување на безбедноста на граѓаните, подобрување на хигиената и квалитетот на живот во општината, спречување на ширење на заразни болести и обезбедување хуман третман на животните во согласност со националните и меѓународните стандарди.

Од Општина Струга оценуваат дека проектот претставува значаен чекор кон создавање побезбедна, почиста и похумана средина, во интерес и на граѓаните и на животните.

StrugaOnline

error: