Општина Струга во петок организира јавна дебата за проблемот со кучињата скитници
Општина Струга ги повикува граѓаните да учествуваат на јавна дебата посветена на проблемот со кучињата скитници, со цел преку отворена дискусија да се разгледаат можните решенија за ова прашање.
Јавната дебата ќе се одржи на 16 октомври, со почеток во 15:00 часот, во просториите на Општина Струга.
Од локалната самоуправа упатуваат покана до сите заинтересирани граѓани активно да се вклучат во дискусијата, да ги споделат своите ставови, предлози и искуства и да придонесат кон изнаоѓање соодветни и долгорочни решенија.
Проблемот со кучињата скитници е прашање од јавен интерес, кое бара внимателен пристап, соработка и вклученост на сите засегнати страни. Преку вакви средби се отвора можност за размена на мислења и разгледување мерки што ќе придонесат за поголема безбедност на граѓаните, но и за соодветен третман и заштита на животните.
Од Општина Струга посочуваат дека учеството на граѓаните е важно за заедничко разгледување на проблемот и креирање решенија во интерес на локалната заедница.
StrugaOnline

