Оптимизацијата на училиштата во фокусот на средбата меѓу Општина Струга и СОНК
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со раководителот на Секторот за јавни дејности, Џеми Хајредини, одржа работна средба со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, и претседателот на СОНК во Струга, Неби Арифи, посветена на процесот на оптимизација и рационализација на образовната мрежа.
На средбата се разговараше за спроведувањето на оваа стратешка национална реформа, која ја реализира Министерството за образование и наука (МОН) во соработка со општините, УНИЦЕФ и СОНК.
Во конструктивна атмосфера, соговорниците ја истакнаа важноста од кооперативен пристап, взаемно почитување и континуиран дијалог меѓу сите институции вклучени во процесот.
Присутните заеднички констатираа дека Општина Струга и СОНК ќе вложат максимални напори оптимизацијата на училишната мрежа да започне и да се реализира без сериозни последици за вработените, водејќи сметка за нивните права и интереси.
Од Општина Струга потенцираат дека остануваат посветени на создавање квалитетен, ефикасен и одржлив образовен систем, преку соработка со сите релевантни чинители во образованието и внимателно спроведување на реформските процеси.
StrugaOnline

