„Оркестар Титаник“ во петок на сцената на Народен театар Охрид
Претставата „Оркестар Титаник“ од бугарскиот автор Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, ќе биде изведена во петок, 9 октомври 2026 година, на сцената на Народен театар Охрид.
Почетокот на претставата е закажан за 20:00 часот, а билетите чинат 300 денари.
Во претставата настапуваат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски. Костимите и сценографијата се на Сергеј Светозарев, додека музиката е на Димитар Андоновски.
„Оркестар Титаник“ носи приказна за луѓе кои живеат на напуштена железничка станица и ја чекаат можноста за промена, за својот „воз“ кој ќе ги одведе кон подобар живот. Преку нивните очекувања, соништа и разочарувања, претставата отвора прашања за надежта, човековото постоење и потрагата по сопствениот идентитет.
Режисерот Андреј Цветановски ја издвојува надежта како една од основните категории на човековото постоење.
„Надежта е основна категорија на човековото постоење. Она што нè издвојува и нè прави луѓе. Ако немаш надеж, ништо не си. Овие луѓе живеат на напуштена железничка станица и сонуваат за својот воз, за својот брод, за својот излез, за своето постоење. Низ таа потрага тие наоѓаат нешто што го имаат заборавено – сопственото јас и за што постојат овде“, вели Цветановски.
Публиката во Охрид ќе има можност да ја проследи претставата во петок, со почеток во 20:00 часот.
Билетите се во продажба на билетарата на Народен театар Охрид. Билетарата работи секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, а на денот на изведбата од 13:00 до 20:00 часот.
Цената на билетот е 300 денари.
StrugaOnline

