Отстранет дотраен и напуштен објект на плажа во Струга
На јавната плажа во Струга денеска беше отстранет дотраен и напуштен објект кој со години го нарушуваше изгледот на просторот и го попречуваше неговото користење.
Од Општината информираат дека со оваа интервенција се елиминира уште една долгогодишна пречка, која претставувала извор на нечистотија и непријатни мириси, а јавниот простор повторно им се става на располагање на граѓаните.
„Промените не се случуваат преку ноќ, особено кога јавните простори со децении биле запоставени. Со отстранувањето на овој објект, граѓаните добиваат повеќе простор, поголема чистота и попријатна атмосфера покрај езерото“, наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека активностите за уредување и ослободување на јавните површини ќе продолжат и во наредниот период, со цел јавните простори да бидат функционални, уредени и достапни за сите.
„Чекор по чекор ѝ ги враќаме на Струга јавните простори што им припаѓаат на граѓаните“, порачуваат од Општината.

