Отворен литературен конкурс „Од срце за Миладиновци“ по повод 165 години од „Зборникот“
Фондацијата „Браќа Миладиновци – Миладиновско слово“ распиша отворен литературен конкурс на тема „Од срце за Миладиновци“, со цел одбележување на 165-годишнината од издавањето на познатиот „Зборник“ на браќата Миладиновци.
Фондацијата, основана од потомците на Димитрија Христов Миладинов – Ристе Миладин и неговите синови Димитрија и Константин, преку овој конкурс има за цел да го поттикне творештвото инспирирано од животот и делото на големите македонски преродбеници Димитрија, Наум и Константин Миладиновци.
Конкурсот е поделен во три категории. Првата категорија „Рекоа за Миладиновци“ предвидува авторски цитати со должина од 30 до 50 зборови. Втората категорија е наменета за поетски творби посветени на Миладиновци, со ограничување до 24 реда или најмногу пет строфи. Третата категорија опфаќа есеи со должина од 250 до 300 зборови, кои треба да имаат јасна структура и да се однесуваат на ликот и делото на браќата.
Право на учество имаат сите заинтересирани автори од земјата и странство, без ограничување на возраст и пол. При аплицирањето, кандидатите треба да достават основни лични податоци и кратка биографија.
Избраните творби ќе бидат оценувани од стручна комисија составена од литерати, професори и културни работници. Најдобрите дела ќе бидат објавени во тематска збирка „Зборник за Браќата Миладиновци“, чија промоција е планирана за август 2026 година. Авторите чии трудови ќе влезат во потесен избор ќе бидат поканети да присуствуваат на настанот.
За најуспешните творби се предвидени награди, меѓу кои и главната награда „Миладиновско слово“.
Конкурсот е отворен од 15 април до 31 мај 2026 година, а творбите се испраќаат на електронската адреса: literaturenkonkursbm@yahoo.com.
StrugaOnline

