Српскиот машки хор „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин вчеравечер беше посебно доживување за публиката на „Охридско лето“ во рамките на традиционалната Српска вечер на фестивалот.
Кристалната чистота што прозвучи од седумте грла на овој вокален ансамбл, совршено се вклопи во акустичниот сакрален амбиент на „Света Софија“. Програмската лепеза содржеше седумнаесет нумери, руски и српски, световни и духовни, далматински, а изненадување за слушателите кои ги наградија членовите на хорот со долги и бурни ракоплескања беше и изведбата на македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“.
-Одлучивме на публиката во овој прекрасен храм да ѝ се претставиме со различна програма, пред сè, духовни композиции од руски и српски автори. Тоа е нешто што ја прави основата на нашиот репертоар, имајќи предвид дека хорот „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин, Србија, оваа година одбележува 35 години од постоењето. Тоа е дел од репертоарот што ние многу долго и многу често го негуваме посветено. Освен тоа, имаше и неколку обработки на руски народни композиции. Целата музика беше прилагодена на црковниот амбиент. Публиката имаше можност да слушне и две далматински клапи кои говореа за животот, љубовта, минливоста и слично. Самиот крај беше посветен на неколку обработки на српски народни песни.Сметавме дека треба да има разноликост во нашиот репертоар бидејќи знаеме дека во публиката има многу туристи кои доаѓаат од различни краишта и сакаат да слушнат нешто што е невообичаено за еден ваков мал машки хорски состав, вели диригентот на хорот „Свети Серафим Саровски“, Божидар Црњански.
Во 1995 година на инцијатива на Душан Сланкаменац во Зрењанин е основан мешаниот хор со име „Св. Серафим Саровски“. Со помош на првата диригентка на хорот, Камелија Ќириќ, тогашниот ансамбл кој брои околу 20 хористи започнува со работа. Потоа, од него се издвојуваат машките гласови кои го основаат ансамблот „Машки октет Св. Серафим Саровски“ кој пак следната година добива благослов од тогашниот епископ Хризостом и започнува со дејствување во црковната сфера, со седиште во храмот на Св. Меланија Римјанка во Зрењанин каде до денес активно учествува во богослужбите. Активната работа на ансамблот под раководство на тогашниот диригент проф. Владимир Првуловиќ го гради и проширува репертоарот на хорот, па се јавува и потребата црковниот амбиент понекогаш да се замени со концертен простор. Така, најпрво започнуваат со концертни одбележувања на денот на раѓање и канонизација на Серафим Саровски (15 јануари и 1 август), кога пред публиката овој хор се претставува со внимателно избрана световна и духовна програма. Потоа, нивните активности продолжуваат да се зголемуваат, па така хорот започнува редовно да настапува низ цела Банатска, а и во околните епархии, на богослужби, но и на настапи на концерти не само во Зрењанин, туку и во другите градови во Србија. На натпреварот „Глас на Белград“ хорот е повеќекратно наградуван. Меѓународните настапи ги водат членовите на „Св. Серафим Саровски“ во храмовите на Српската православна црква во Штутгарт, Лондон, Дерби, Копенхаген, Малме, Хелсингборг, Будимпешта, Виена, Клагенфурт, Инсбрук, Цирих, Салцбург, Грац, Темишвар, Дубровник, Требиње, Берлин, Сиднеј, Мелбурн и Москва – секогаш оставајќи силен впечаток на широката публика.
Денес хорот „Св. Серафим Саровски“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.
StrugaOnline
Facebook Коментари