Полициски службеници во Охрид ги едуцираа граѓаните за штетните последици од употреба на пиротехнички средства

Полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид, на плоштадот „Крушевска Република” во Охрид, ја реализираа превентивно-едукативната кампања „Петарди не, безбедност пред се”. Притоа, полициски службеници остварија контакти и кратки разговори со граѓаните, посебно со помладата популација за штетните последици од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телата. Накратко, беа презентирани законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично. Тие беа и информирани и за прекршочните и кривичните санкции од нелегалната употреба на пиротехнички средства. Целта на кампањата чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред се” е подигнување на свеста кај граѓаните во пресрет на празниците, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства.
Извор: СВР Охрид

