Постхумна изложба „Езерски брегови“ на академскиот сликар Таки М. Павловски од утре во Струга
Во Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, од 24 јули до 5 август 2026 година, ќе биде поставена постхумната изложба „Езерски брегови“, посветена на творештвото на академскиот сликар Таки М. Павловски. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и претставува дел од монографската едиција „55 години творештво (1966–2021)“.
Поставката е организирана како достоинствено оддавање почит на еден од најзначајните македонски ликовни уметници, чие богато творештво остави длабока трага во современата македонска уметност. Преку својот препознатлив уметнички израз, Павловски создаде дела што ги надминуваат границите на класичниот визуелен јазик, отворајќи нови хоризонти во македонското сликарство.
Циклусот „Езерски брегови“ се смета за едно од највпечатливите поглавја во неговиот творечки опус. Во овие дела авторот прави премин од геометриски форми кон лирична апстракција, создавајќи визуелна поезија инспирирана од езерскиот пејзаж, неговата светлина, тишина и бескрајност. Секоја слика нуди простор за лична интерпретација и длабоко естетско доживување, каде природата и емоцијата се спојуваат во универзален уметнички израз.
Посебен придонес во реализацијата на изложбата има академската сликарка д-р Марија Павловска, ќерка на авторот, која со голема посветеност се грижи за зачувување и афирмација на творечкото наследство на својот татко. Благодарение на нејзиниот ангажман, делата на Таки М. Павловски повторно ќе бидат достапни за јавноста, продолжувајќи да сведочат за неговото исклучително уметничко наследство.
Куратор на изложбата е Христијан Томан.
Љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да ја посетат изложбата во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во периодот од 24 јули до 5 август, и одблиску да се запознаат со едно од најзначајните творечки остварувања на Таки М. Павловски.
StrugaOnline

