Потпишан е договор за отварање на Центар за аутизам во Струга – Значаен чекор кон вклучување и поддршка на децата со атипичен развој
Во просториите на Општина Струга вчера беше потпишан договор за соработка помеѓу Општина Струга и Здружението за поддршка и третман на деца со аутизам и атипичен развој „Bright Steps“ од Струга, со цел реализација на активности од јавен интерес од локално значење.
Оваа иницијатива е резултат на заложбата на Претседателката на Советот на Општина Струга, г-ѓа Арбреша Влаши, и е целосно поддржана од Градоначалникот на Општина Струга, г. Рамиз Мерко, кои покажаа искрена волја и посветеност за социјално вклучување и институционална грижа за најранливите категории на граѓани.
Целта на договорот е отворање и ставање во функција на првиот Центар за аутизам во општината, кој ќе служи како референтна точка за професионална поддршка и соодветен третман на деца со нарушувања од аутистичниот спектар и со посебни развојни потреби.
Центарот ќе биде сместен во веќе адаптиран и уреден простор со површина од над 100 метри квадратни, почнувајќи со работа од месец септември 2025 година и кој обезбедува оптимални услови за терапија и развој. Во неговата рамка ќе бидат ангажирани дефектолози и стручни лица од областа на детскиот развој, кои ќе обезбедуваат специјализиран третман, поддршка за родителите и интердисциплинарни услуги насочени кон социјално вклучување на децата.
Овој Центар претставува резултат на плодна соработка помеѓу јавниот сектор и граѓанското општество и претставува важен чекор кон изградба на посеопфатен и посензитивен систем за потребите на децата со атипичен развој во нашата општина.
Општина Струга останува посветена на креирање социјални политики и услуги кои промовираат еднаквост, вклученост и достоинство за сите граѓани, особено за децата на кои им е потребна зголемена поддршка.
StrugaOnline
Facebook Коментари